Барселона и Ристовски атакуваат на трофејот во “Копа Дел Реј”

Барселона успеа да обезбеди пласман во финалето на “Копа Дел Реј” откако вчера во полуфиналниот дуел убедливо славеше над екипата на Пуенте Хенил со 36-27 (19-16).

За разлика од четвртфиналниот натпревар против Ваљадолид кој донесе многу поголема неизвесност, ракометарите на Чави Пасквал немаа големи проблеми против составот на Пуенте Хенил.

Разликата во класи беше видлива од самиот почеток на мечот кога каталонците поведоа, но на полувреме заминаа со не така висока предност од 19-16. Во вториот дел комплетно беше скршен отпорор на Пуенте Хенил, за конечен триумф од 36-27 и пласман во големото финале.

Најпрецизен во екипата на Барселона беше Ривера со девет гола, а го следеа Палмарсон и Гомез кои постигнаа по четири. Ристовски настапи во вториот дел и успеа да запише девет одбрани зад своето име. Во екипата на Пуенте Хенил најмногу се истакна Рудовиќ со девет погодоци.

За разлика од овој натпревар, второто полуфинале помеѓу Ла Риоха и Адемар Леон донесе вистинска ракометна драма во Мадрид. Трагичар на мечот беше искусното лево крило на Адемар-Хуанин Гарсија кој на дваесетина секунди до крајот имаше седмерец за изедначување, но поуспешен од него беше голманот на Ла Риоха, Агинагалде, чија одбрана значеше пласман во финалето за екипата на Ла Риоха.

Финалето на “Копа Дел Реј” помеѓу Барселона и Ла Риоха се игра денеска со почеток од 17:00 часот.