Барселона експресно најде замена за Ривера: Данецот Мортенсен следните три сезони ќе го носи дресот на каталонците

Ракометниот клуб Барселона експресно најде замена на левата крилна позиција по најавеното заминување на шпанскиот репрезентативец Ривера во екипата на Нант.

Данскиот репрезентативец и актуелен ракометар на Хановер-Каспер Мортенсен (28) ќе биде ракометарот кој ќе го замени Ривера на левата крилна позиција, а дресот на каталонците ќе го носи во следните три сезони заклучно со сезоната 2021/2022.

Мортенсен е ракометар со големо ракометно искуство зад себе, а важи и за специјалист во изведување на ударите од седум метри. Во германската Бундеслига каде што настапува последниве три години, е еден од најефикасните ракометари со постигнати 198 голови на 30 натпревари.

Барселона ќе биде осмиот клуб во кариерата на данецот, а четвртти интернационален предизвик. Мортенсен ја започна својата кариера во екипата на Ајакс Копенхаген во 2007 година, па продолжи во данските Фредерициа, Виворг, Бјерингбро и Сондерјиске. Првиот интернационален предизвик го имаше во сезоната 2015/2016 кога потпиша за Хамбург, а последните две сезони со успех настапува во екипата на Хановер Бургдорф.