Барса предизвикува големо внимание, Вардар со препораки до своите фанови

Претстојниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите меѓу европскиот првак Вардар и Барселона, очекувано предизвикува голем интерес во македонската ракометна, односно спортска јавност. Поради тоа што се очекува голем број на гледачи да се упатат в сабота кон салата „Јане Сандански“ од македонскиот и европски првак упатија низа препораки до своите приврзаници.

„Натпреварот од 5. коло во групната фаза од лигата на шампионите меѓу Вардар и Барселона ќе биде меч од висок ризик поради големиот број на гледачи што се очекуваат во салата во СЦ „Јане Сандански” во сабота. РК Вардар во соработка со полицијата реши за саботниот натпревар да го затвори паркингот до салата за користење. Поради тоа им се препорачува на сите гледачи навреме да дојдат во салата, а доколку патуваат со автомобил да бидат свесни дека е можно да има застој во сообраќајот поради очекуваниот голем број на гледачи во салата. Истовремено ги потсетуваме сите гледачи дека во салата е забрането внесување на тврди предмети, и контролата на влезовите ќе биде вообичаена за ваков тип на натпревари.“ се вели во соопштението од страна на вардарци.

Средбата меѓу Вардар и Барселона е закажана за в сабота од 17:30 часот.