Барса го „врза“ голманот: Де Варгас потпиша до 2023 година!

Шпанскиот репрезентативен голман Гонзало Перез де Варгас, го продолжи договорот со шампионот Барселона до 2023 година. Иако актуелниот негов договор истекуваше во 2020 година, сепак раководството не чекаше да го „врзе“ долгорочно одличниот голман. Де Варгас лани беше прогласен за најдобар голман во Лигата на шампионите и влезе во идеалниот тим. Имаше и важна улога во Асобал Лигата, каде што одбрани 40% од упатените удари кон неговиот гол.

„Во Барселона сакам да останам уште многу години. Се чувствувам одлично во овој клуб, имам многу поважна улога во тимот отколку што замислував дека ќе имам. Играм за најдобриот клуб во светот. Имам уште многу години ракомет пред мене, кои се надевам дека ќе бидат исполнети со многу титули.“ – изјави Де Варгас.

Барселона е противник на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите, а на првиот меч победи македонскиот и европски првак со 27:24. Реваншот се игра на 10 февруари во „Палау Блауграна“, а ЕХФ го прогласи тој дуел за меч на колото.