БАРАЖ ЌЕ ГО ОДРЕДИ ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНСКИ СУПЕРЛИГАШ

На денешниот редовен годишен состанок на ракометните клубови и РФМ одредени се двојките и термините за одигрување на сите ракометни натпревари во Македонија. Најпроблематична беше Суперлигата поради состојбата со поранешниот македонски вицепрвак Макс Струмица. Низ годините струмичани составија респектабилен тим со стабилен буџет кој ги одведе во групната фаза на ЕХФ Купот, а година подоцна и до вицешампионската позиција во Македонија. Но поради финансиски проблеми клубот едвај ја доигра минатата сезона, а бурниот период клуминираше овој август кога Макс Струмица не го пријави својот настап во најсилното ракометно натпреварување во Македонија.

Затоа челниците на РФМ излегоа со предлог за бараж дуел меѓу екипите на Преспа и Металург 2 за пополнување на испразнетото место во македонскиот шампионат. Металург 2 ја заврши сезоната како последнопласиран во македонскиот ракометен плеј-аут, додека Преспа беше третопласирана во првата лига.

Според првичниот план, баражот меѓу Преспа и Металург 2 треба да се одигра на 8 септември, а локацијата ќе биде дополнително одредена. Градот Прилеп веројатно ќе биде домаќин и на вториот бараж дуел за влез во Супер лигата, откако кон крајот на јуни Борец обезбеди опстанок во дуелот со Вардар 2.