Арпад Штербик: На 1 јуни сакам сите да бидеме задоволни од сезоната

Екипата на Вардар и сезонава е фаворит за освојување на титулата во СЕХА-лигата, а се очекува и нов пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Повеќето ракометари се во одлична форма, но некако лидер во целата ситуација е голманот Арпад Штербик.

Тој на крајот од оваа сезона си заминува, но лесно може тоа да го направи со уште неколку трофеи.

* Сезонава покажа дека за голманите возраста не е важна за постигнување добри резултати. Има ли некоја тајна, колку постар – толку подобар?

„Не верувам дека тоа е поврзано со возраста. Кога си постар си поискусен, но губиш од физичките предиспозиции некогаш. Годинава поставивме висока одбрана и физички сме силни. Можеби и затоа сме добри на сите натпревари. Не може голманот сè сам, треба да има некој договор со одбраната. Колку е таа добра, толку и голманот има полесна задача“.

* Во Вардар на многу натпревари беше џокерот на тимот за победа. Сега истото се случи и со Шпанија на ЕП. Што помисли прво кога те повикаа да дојдеш за полуфиналето?

„Прво помислив како да откажам, но бидејќи имаше само уште еден јуниор морав да заминам. Му реков на селекторот дека можам само да помогнам бидејќи не сум во добра форма, зашто немам долго време играно, а и Коралес до тој момент бранеше добро на ЕП. И за среќа се заврши како што посакувавме, освоивме златен медал.

* Мислиш ли дека делуваш страшно за противничките играчи кога ќе застанеш меѓу стативите?

„Можно е така да изгледа од страна кога се гледа. Тоа треба да се прашаат играчите кои играат. Има доста ситуации кога играчот ќе скокне од 9 метри а пред нив е Борозан и Криштопанс, прво размислува како нив да ги мине, па дури за мене.

* Во СЕХА лигата веќе е обезбеден пласман на Ф4 турнирот, и може ли Вардар да биде втор тим што ќе победи две сезони по ред и ќе го освои четвртиот трофеј.

„Ќе се бориме за победа на Ф4 на СЕХА лигата. Има неколку сериозни кандидати за трофејот: Загреб, Мешков и Целје. Не знам каде ќе се организира турнирот. Целје е сериозен тим и тоа го покажува и во лигата на шампионите. Ако се игра во Словенја ќе бидат фаворити.

* На крајот од сезоната заминуваш од Скопје. Која е желбата, пред збогувањето со „црвено-црниот” дрес?

„Желба ми е што повеќе да постигне клубот и јас лично. На 1 јуни кога ќе ја затвориме сезоната сите да бидеме задоволни“.