Андоновски им се „закани“ на стружани: Ќе ви се одмаздиме за патката – со пастрмка!

Охрид го победи големиот ривал Струга со 26-23 во дербито на шестото коло од Суперлигата во максимално интересен и неизвесен натпревар до самиот финишот. Дополнителен шмек на мечот му дадоа и двете навивачки групи „Рибари“ и „Паткари“ и максимално исполнетите трибини во СРЦ „Билјанини Извори“.

Гостите од Струга и покрај големото обезбедување успеаја да внесат во салата и да фрлат на теренот жива патка, која е нивен симбол, па мечот на кратко беше прекинат. Сепак таа набрзина беше вратена кај навивачите и натпреварот продолжи.

Тренерот на домаќините, Горан Андоновски, по мечот се обрати на социјалните мрежи и упати „закана“ до стружани пред вториот меч кој ќе се одигра во Струга и напиша:

„Ќе добиете здравје пастрмка во Струга“, коментираше Андоновски.

Второто езерско дерби ќе биде одиграно на почетокот на март следната година во Струга. Охрид во меѓувреме по репрезентативната пауза го чека дуел на гости кај Прилеп, додека стружани ќе го пречекаат Пелистер на домашен терен.