Андоновски има договор со Охрид, а тренира со Вардар Јуниор!

Бекот на Охрид, Даниел Андоновски, иако има договор на уште три сезони и ги помина подготовките со „гладијаторите“, сепак најавил нов ангажман и трансфер во Вардар Јуниор. Од раководството на охриѓани се изненадени од потегот на младиот ракометар.

„Пред почетокот на вчерашниот тренинг Даниел ни кажа дека нема да доаѓа повеќе на тренинзи и ќе го засили Вардар Јуниор. Тој не се појави на тренингот денеска и ние останавме фрапирани поради неговиот потег. Даниел има договор уште три години со нашиот клуб и до сега никој од Вардар не` не контактирал дека го посакува него составот. Тој на своја рака си направи трансфер и не се појави на тренинг и затоа ќе сноси санкција според правилникот од клубот“, изјави спортскиот директор на тимот Горан Недески за „Ohridnews“.

Дали Андоновски ќе се соочи со некакви последици од овој потег останува да видиме. Суперлигата почнува на 7 септември, Охрид ќе игра против Пролет, додека Вардар Јуниор ќе игра против Радовиш.