Амбициозните битолчани се екипираа за Европа: Како ќе изгледа Еурофарм Работник наредната сезона? (ФОТО)

Тимот на Еурофарм Работник минатата сезона го оствари најголемиот успех во кратката клупска историја. Играше во групната фаза на Купот на ЕХФ и го обезбеди второто место во македонскиот шампионат веднаш зад Вардар, а со тоа се пласира во регионалната СЕХА лига. Но во новата сезона тимот предводен од Стевче Алушовски го очекуваат уште поголеми предизвици со настапите во Лигата на шампионите во конкуренција на шпанската Бидасоа, португалскиот Спортинг Лисабон, финскиот Кокс, словачкиот Татран Прешов и шведскиот Савехоф.

Иако тимот остана без двајцата најдобри стрелци од минатата сезона, Филип Кузмановски и Владислав Остроушко, сепак владее мислењето меѓу ракометните стручњаци дека новите ракометари, можат достојно да ги заменат нив двајца. Покрај Кузмановски и Остроушко, од тимот си заминаа и Дејан Пецаковски во Металург, Горан Крстевски во австрискиот Линц, а од активното играње ракомет се прости Фарук Мемиќ.

Битолчани добија големо засилување меѓу стативите, во својот роден град се врати репрезентативниот чувар на мрежата Никола Митревски. Покрај него, „фармацевтите“ ангажираа уште две репрезентативни имиња – левото крило Бојан Маџовски и десниот бек Мартин Велковски. Дојдоа уште четири странски ракометари, иако последниот се уште нема официјално потпишано договор. Станува збор за бековите – Босанецот Марин Вегар, Хрватот Ловро Јотиќ, Словенецот Анже Ратајец, како и пивотменот од Украина, Олександр Шевелев.

Тимот на Еурофарм Работник денеска во 16:30 ќе стартува со подготовките, а тие ќе се одвиваат во две фази. Од утре започнува првата со преселбата во Маврово, а таму ќе бидат од 31 август, повторно на 3 август се собираат на истото место, а оттаму ќе се упатат на турнирот во Струга од 14 до 17 август.  По настапот на „Женска плажа“, тимот ќе се упати во Босна и Херцеговина, каде ќе настапи на турнирот во Добој. Овие четири пријателски натпревари ќе бидат последни проверки пред стартот на СЕХА лигата и Лигата на шампионите.