Амандин Лејно: Пехарот за МВП би го сменила за титула во ЛШ со Вардар

Голманката која годинава ќе стои на голот на Ѓер во минатите пет години беше една од миленичките на публиката во Скопје. Амандин Лејно прикажа неверојатни партии и редовно беше една од оние ракометарки кои знаеја да ја кренат публиката од столчињата во СЦ „Јане Сандански“.

Репрезентативката на Франција на крајот од сезоната го напушти Скопје и новиот ракометен предизвик го најде во Унгарија. Ѓер конечно ја доби една од најдобрите голманки во светот и сега ќе има дополнителна стабилност на голот.

Таа вели дека не и беше сеедно да го напушти Скопје, но дека немала избор.

„Секој пат кога зборувам за Вардар кај мене има многу емоции. Поминав пет години во овој клуб. Јас се приврзувам за луѓето и тешко ми беше да си заминам. Лојалноста е збор кој особено го ценам кога станува збор за ракометот. Сепак, ракометно имам сè што сакам во Ѓер и јас сум посветена на мојата нова авантура“, вели Лејно во интервју пред стартот на новата сезона.

На прашањето дали го гледа Ѓер на едно сосема друго ниво во споредба со Вардар, таа има интересен одговор.

„Ако се погледнат последните две финалиња ќе се види добро дека Вардар загуби со само еден гол така што разликата беше сведена на детали. Се работеше за еден шут, еден продор, малку повеќе среќа… Навистина сакав да продолжам да играм на највисоко ниво и со тоа што се приклучив во Ѓер ја добив оваа можност. Задоволна сум со мојата одлука да дојдам во овој клуб кој ме бараше и претходно“.

Трофејот во Лигата на шампионите и понатаму останува нејзина желба, а вели дека со задоволство би го дала пехарот за МВП на финалниот турнир од последното финале за титулата со колешките од Вардар.

„Пехарот од Лигата на шампионите не го сонувам секоја вечер, но дефинитивно би го дала пехарот за МВП во финалето од последната сезона за титулата со Вардар. Ја посакувам таа круна. Кога сте толку близу до победата како што бев со Вардар во последните две сезони навистина тоа делува фрустрирачки. Имам многу медали во кариерата, но ги посакувам уште. Кога ќе победите во Лигата на шампионите тоа е како да сте победиле на Светско првенство или на Олимпијада. Тоа се цели со кои се будите секое утро“, вели Лејно.

Таа својот прв меч во Лигата на шампионите во дресот на Ѓер го има денеска од 19:30 часот на домашен терен. Противник е Крим Меркатор, а тоа значи дека денеска Лејно ќе се соочи со Сара Ристовска која игра за шампионот на Словенија.