Алушовски: Повредите кај Хановер се нашата шанса

Тимот на Еурофарм Работник в недела го игра натпреварот од 5 коло во групната фаза во Купот на ЕХФ, а ривал е бундеслигашот Хановер, кој победи многу тешко на првата средба.

Тренерот Стевче Алушовски смета дека недостатокот на квалитетни натпревари во паузата ќе биде главниот проблем.

„Последниот европски натпревар го одигравме пред три недели. Не е тајна дека Хановер е фаворит, тие играат сериозни натпревари во Бундес лигата, а ние овој период игравме лесни домашни натпревари. Хендикепирани сме со неиграњето на Стјепановиќ, а кај нив Атман се враќа во екипата и неговото враќање очекувам да биде единствена измена од првиот натпревар во февруари. Нашата шанса може да ни биде тоа што имаат доста повредени ракометари“, изјави Алушовски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Хановер се игра в недела во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 19:00 часот.