Алушовски: Заминав од Пелистер бидејќи некои луѓе се мешаа во мојата работа

Во својот прв тренерски обид во сениорска екипа од машката Супер лига, Стефче Алушовски не само што го препороди Пелистер туку направи и тим кој беше на добар пат да ги врати битолчани во самиот ракометен врв. И кога немаше доволно пари, и се доцнеше со исплатите екипата издржа, беше како едно, и тоа секогаш носеше резултати. Битолчани беа ем хит на првенството, ем најавија дека можеби и ќе се обидат да тргнат во потeра по Металург. Планираната цел беше трето место и пласман во Купот на ЕХФ, барем сезонава.

300x250

Но, плановите се изјаловија, дојде смената на управата на пелистерци и прв на удар се најде токму Алушовски. Има многу верзии зошто и како си замина, или беше сменет Стефче Алушовски?

Јас имав договор со Пелистер кој не подлежи на измени до 31.08.2018. Некои луѓе од управата мислеа дека можат да ги променат условите под кои бев ангажиран во Пелистер, ми беше кажано дека сум дојден политички. Потоа за играчите Костадин Петров и Дарко Димитриевски, ракометари кои ги побарав како засилување на полусезона, се изјаснија дека се прескапи играчи. Едноставно се мешаа и во стручната работа на тренерот. Мислеа дека знаат сѐ, а најмалку знаат дека им застанало времето што се однесува до ракомет. Главната причина зошто заминав од Пелистер е токму немањето слух на некои личности од управата кои не ги прифатија моите барања сите трошоци околу играчкиот кадар да влезат во буџетот кој е предвиден од општината за клубот од околу 1.500.000 денари. Тука требаше да останат дополнителни средства, да не се потроши целиот буџет, а да се создаде еден тим кој ќе биде костур за наредната година, едноставно некои луѓе мислеа дека можат да се мешаат во мојата работа, вели Алушовски.

Низ битолската чаршија се проширија информации дека имало несогласувања со одредени челнови на новата управа?

Јас сум таков човек, како тренер имам своја визија и сакам кога сум веќе тренер јас да одлучувам за мојата работа. Мислам дека луѓето кои се самоназначија за директори и мислат дека Пелистер започнал и ќе заврши со нив, згрешија во процената дека можат со мене да се однесуваат на тој начин. Јас заминав бидејќи почувствував дека сакаат да го рушат Стевче Алушовски, а притоа ќе трпеше ракометниот клуб Пелистер. Мене приоритет ми беше екипата, затоа што знам какви момци тренирав пет месеци без денар“.

Брзо дојде и реакцијата од смената на Алушовски. Пелистер дотогаш доминираше во Битола и првенството, а сега во продолжението загуби од локалниот ривал Е. Работник, и тоа убедливо, иако речиси цела сала беше на страната на „зелените“.

Жал ми е за тие момци бидејќи не само што изгубија од Еурофарм Работник на двапати, туку не беа ниту блиску до победа во овие натпревари, а ние ги победивме во есенскиот дел со седум разлика. Еурофарм Работник на полусезоната се засили со два нови играчи, но ако сè беше во ред и Пелистер требаше да има два нови ракометари. За новата управа на Пелистер, тука пред сè мислам на спортскиот директор, беше прескапо решение македонскиот репрезентативец Дарко Димитриевски, а не беше скап некој анонимен младински репрезентативец на Египет. Финансиските средства кои треба да се вложат околу административните обврски кога се регистрира странски играч беа речиси еднакви на побарувањата на Дарко Димитриевски. За мене тоа се непоимливи работи во ракометот, а за нив најверојатно не се. Токму тоа е и една од главните причини за моето заминување, заедно со ревидирањето на мојот договор со Пелистер“.

Доаѓањето на Алушовски во Пелистер беше проследено со информација дека треба во клубот да дојде и нов спонзор кој ќе ја подобри финансиската ситуација и ќе овозможи нови засилувања. Но, од спонзорот немаше ништо, па клубот остана само на општинските пари.

Поканата да бидам тренер на Пелистер за мене беше големо изненадување и ја прифатив со мала резерва бидејќи не знаев што ме очекува. Ја презедов екипата на Пелистер во најлош момент, на четири натпревари до крај на сезоната. Имавме тежок распоред игравме со Металург, Вардар, Работник кој беше супериорен во тој момент во Битола и екипата на Охрид која знаете како изгледаше минатата сезона. Ја презедов екипата која ја составувал некој друг и завршивме на четвртото место со две победи. Пред мене беше еден проект со најава на нов спонзор, кој заедно со општината требаше да биде дел од еден нов Пелистер. Цело лето се работеше на проектот Пелистер и на креирање на тимот. Во последен момент спонзорот откажа и останавме само со општинските пари кои во предизборието беа знак прашалник. Го искористив мојот авторитет кај играчите и продолживме со тренинзи четири месеци со една плата. Луѓето од општината застанаа зад проектот Пелистер и без приватниот спонзор создадовме еден тим кој на полусезона требаше да се надгради и да претставува конкурент за третото место кое ќе беше доволно за да се избориме за ЕХФ Куп. Растев со екипата мислам дека направивме убава хемија меѓу играчите се до моето заминување од Пелистер“, вели Алушовски.