Алтхаус добива друштво на линијата: Српски пикер ќе ја менува повредената Човиќ во Вардар (ВИДЕО)

По ангажирањето на поранешната српска репрезентативка Драгана Цвијиќ, македонскиот првак Вардар носи уште едно засилување на истата позиција од северниот сосед. Станува збор за 23-годишната ракометарка од Извор Буковичка Бања, Марија Петровиќ. Неколку години наназад пикерската позиција кај вардарки е најслабата карика, па затоа од раководството  на шампионот се решени тоа да не биде случај понатаму.

Петровиќ е ракометарка која потекнува од тимот на Наиса од Ниш, или своевремено познат како ДИН и таму настапуваше 6 сезони, а сега ја игра втората во тимот на Извор Буковичка Бања. Иако е релативно млада, има акумулирано големо искуство низ настапите за овие српски тимови во Купот на ЕХФ и Челинџ Купот.

Трансферот би требало да се реализира веднаш и Петровиќ заедно со Алтхаус би ја сочинувала двојката на пикерската позиција, со оглед дека Андреа Човиќ е повредена и ја чека подолга пауза. Српската интернационалка го потврди доаѓањето во Скопје, но се уште не е познато до кога ќе трае нејзиниот престој во „црвено-црните“ редови.