Алекс Душебаев: Во Келн имавме историски ден за Македонија, сега во Загреб за Шпанија

Еден од тројцата играчи кои со победата на Шпанија станаа освојувачи на пехарот од Лигата на шампионите и од Европското првенство, Алекс Душебаев после натпреварот против Шведска беше задоволен од оствареното и можеше да коментира со задоволство за направеното.

300x250

„После четири порази во финалињата на минатите Европски првенства знаевме дека немаме избор. Ова беше наш ден. Моравме да играме најдобро што можеме. Во првото полувреме имавме проблеми. Шведска одигра подобро од нас. Сепак, на полувреме добивме добри совети. Зборувавме за тоа дека ова ни се последните 30 минути на турнирот и дека мораме да ги одиграме како колектив, и дека треба во одбрана да промениме на 5-1. Моравме да го кренеме интензитетот за да нема толку голови. Штербик беше фантастичен како и секогаш и тоа беше клучот за успехот“, изјави Душебаев.

За тоа што има две големи круни во само неколку месеци вели дека бил дел од историски успеси за Македонија и за Шпанија.

„Оваа година беше и клупски и европски со репрезентација. Мислам дека ова е можеби најубавиот момент, но секогаш сакаме повеќе. Секогаш е тешко кога играш и затоа е многу важно. Тој ден кога победивме со Вардар на фајнл-фор во Келн беше историски за Македонија. Сега оваа победа со репрезентацијата е историска за цела Шпанија“, коментираше Душебаев.