Алекса Кљајиќ: Вардар е искусен тим, ги казни нашите грешки

Железничар претрпе пораз во Скопје од Вардар во 2. коло од СЕХА со 20:35, а тоа беше очекуван резултат бидејќи и пред мечот вардарци важеа како големи фаворити.

Гостите од Ниш имаа добри 15 минути, а потоа во следните 45 минути не можеа да се снајдат со одбраната на Вардар и мораа да се помират со фактот дека противникот е подобар на теренот.

„Имавме добри потези во првиот дел од средбите. Тоа беа одлични моменти за нас на почетокот и бевме во предност. Сепак, како одминуваше времето се виде дека Вардар е поискусен и поквалитетен тим и тоа го користеше. Сега после ова нас не ни останува друго освен да се насочиме кон реваншот во Купот на ЕХФ против тимот на Кјернинг од Луксембург. Јасно е дека треба да работиме многу за да дојдеме до посакуваните резултати“, коментираше ракометарот на Железничар, Алекса Кљајиќ.

Железничар има предност од три гола над тимот од Луксембург и ќе има тешка задача на реваншот за да успее да дојде до пласман во 3. рунда од Купот на ЕХФ.