Александар Јовиќ после Целје: Игравме добро 40 минути, но не го издржавме темпото

Тимот на Целје остана високо позициониран на табелата во СЕХА-лигата откако денеска ја забележа и 5. победа против Металург со 34:25. За Металург ова беше 6. пораз сезонава и има само девет бода од девет средби со кои е дури на 7. место.

После средбата тренерите имаа свое видување на она што беше постигнато на овој меч.

„Со квалитетот којшто го има тимот на Целје заслужува да се најде на завршниот турнир во СЕХА. Денеска знаевме што не очекува на ова гостување и знаевме дека Целје ќе нè присили да играме брзо. Игравме добро 40 минути, а потоа не можевме веќе да го задржиме темпото. Целје постигна неколку брзи голови и победникот веќе беше познат. Очекувавме дека ќе биде тешко, но ќе бев посреќен доколку не загубевме со девет гола разлика. Имаме уште три средби до крајот на 2017 година и се надевам дека ќе успееме да се дојдеме до бодови. Металург е клуб со голема традиција, но во моментов и клуб со многу млади ракометари“, изјави Јовиќ.

Неговиот колега од Целје рече дека наишле на силен отпор, но дека успеале во клучните моменти да покажат одлична игра.

“Одлично го отворивме мечот против Металург, но потоа дозволивме противникот да се врати во игра. Почетокот на вториот дел одново беше ист. Металург успеа да изамни, но тука конечно успеавме да одиграме како што сакавме. Бевме подготвени за играта на Металург и моите играчи реагираа како што сакав. Нивните грешки беа казнети со лесни погодоци и на крајот мислам дека целосно ја заслуживме оваа победа. Што се однесува до Металург се надевам дека финансиските проблеми ќе бидат решени и дека сè ќе биде во најдобар ред. Тоа е клуб со одлична школа кој му е потребен на ракометот“, коментираше Бранко Тамше.