Абутовиќ задоволен од формата на Вардар и верува во успешна сезона

Главниот дефанзивец во редовите на Вардар, Илија Абутовиќ е подготвен за предизвиците коишто претстојат во новата сезона. Она што го краси тимот на Вардар сезонава е играта во одбрана, а Абутовиќ таму ќе треба да доминира бидејќи тој е задолжен за запирањето на противничките ракометари пред Штербик, Милиќ и Ѓорѓески.

„Сите сме задоволни бидејќи формата се движи како што посакуваме. Подготвени сме за првиот меч против Висла Плоцк. Имаме 3-4 повредени играчи, но јас очекувам тие да бидат подготвени за настап на дуелот со кој ја отвораме сезоната во Лигата на шампионите“, изјавува Абутовиќ.

Со оглед на тоа што в недела Вардар ќе излезе на терен како шампион односно како бранител на титулата задачата нема да биде нималку лесна.

„Ќе биде далеку потешко отколку минатата година. Сите сакаат да го совладаат шампионот. Висла има млада екипа со млад и добар тренер. Играат брз и добар ракомет, но ние се подготвуваме и подготвени ќе го дочекаме овој натпревар“, изјави еден од најдобрите дефанзивци коишто и сезонава ќе играат во Лигата на шампионите.